Шахпаска на изборот на најуспешни жени менаџерки: Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост

пред 3 години

Во оваа сала гледам храбри и силни жени чиј успех не бил лесен, гледам жени кои се соочувале со предизвици, но се доволно храбри да сонуваат и се доволно упорни да го остварат својот сон, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на 25-тата јубилејна манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”.

Таа пред присутните дами и останати гости истакна дека не само во сферата на економијата и на бизнисот, туку и во политиката, за да се стигне на позиција од која се носат одлуки, патот е трнлив.

И токму затоа треба сите заедно да работиме за унапредување на родовата еднаквост, порача Шахпаска.

„Ја воспоставуваме родовата еднаквост и ја зајакнуваме улогата на жената во општеството преку активности, мерки, но и законски решенија,“ потенцираше министерката.

Во таа насока, ги посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година и Формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година, Законот за родова еднаквост и Законот за минимална плата со кој што во 2017 година за прв пат минималната плата беше изедначена за работниците во индустријата за текстил, кожа и чевли во кои индустрии најголем процент на вработени се жени, како законски решенија кои се во насока на унапредување на родовата еднаквост.

Министерката се осврна и на проектот за родово одговорно буџетирање кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика и кој е суштински важна алатка за мониторинг на активностите за вклучување на родовите прашања во главните стратегии и политики.

„Во јануари 2021 година Собранието на предлог на Владата со консензус гласаше за еден од најважните закони во оваа насока – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Закон кој што ги обедини и власта и опозицијата, затоа што насилството не познава вера, националност, партија или било каква друга припадност“, рече Шахпаска.

Таа подвлече дека борбата против социјална исклученост и дискриминација и родовата еднаквост продолжува.

„Сонувајте, бидете визионери, бидете упорни, и работете на остварување на вашиот сон. Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост во бизнисите кои вие ги водите. Само на тој начин ќе постигнеме целосна родова еднаквост“, им порача Шахпаска на присутните дами, жени менаџерки, на обележувањето на јубилејната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”.

Share
Scroll to Top