Шахпаска на состанок со Мисијата на ММФ: Во време на криза државата бележи најниско ниво на невработеност

пред 2 години

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, попладнево остварила онлајн состанок со Мисијата на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), предводена од Бергљот Бјорнсон Баркбу, на кој меѓудругото, се разговарало за заздравувањето на економијата после пандемијата Ковид-19, вработеноста на младите, формализирањето на неформалната економија, како и движењето на работната сила на долг рок.

Како што информираат од ресорното министерство, Шахпаска посочила дека и во време на економска криза, предизвикана од здравствената криза, нашата држава бележи историски најниско ниво на невработеност од 15,9 проценти, што, како што рекла, е јасен показател дека политиките на Владата, како и шесте пакети економски мерки дале позитивен резултат.

„И минималната и просечната плата во изминатиов период имаат тенденција на раст. Позитивниот тренд на платите продолжи и во 2021 година, просечната нето плата за септември 2021 година е за 5,3 проценти повисока во однос на истиот месец 2020 година. И во период на пандемија, во согласност со законската регулатива овозможивме усогласување и на минималната плата“, нагласила министерката.

Претставниците на мисијата на ММФ се интересирале какви мерки Владата презема за да им помогне на ранливите категории на граѓани, во делот на потребите за електрична енергија и други енергенси.

Шахпаска информирала дека со измените на Законот за социјална заштита, во време на пандемија, за речиси 36.000 приматели на Гарантирана минимална помош, како и за околу 7.500 приматели на социјална пензија обезбеден е додаток од 1.000 денари за енергенс во текот на целата година, а не само за шест месеци како што било претходно.

„Дополнително, Владата подготвува Програма за енергетска поддршка која ќе го зголеми опфатот на граѓани на кои ќе им биде овозможена ваква поддршка“, нагласила министерката.

Шахпаска посочила и дека Владата преку систематски и мултисекторски пристап, како и преку повеќе мерки и проекти, работи на формализација на неформалната економија.

„Во тој контекст се и мерките предвидени во Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, потоа Стратегијата за социјално претприемништво и законската регулатива за социјални претпријатија на која во моментов работиме, а кои ќе овозможат активирање на пазарот на трудот на најтешко вработливите. Секако работиме и на јакнењето на свеста за придобивките од формализирање на неформалната економија, но и организиран пристап во дејностите како што се земјоделието и градежништвото каде што неформалната економија е најзастапена“, додадала министерката.

Во однос на вработувањето на младите, таа нагласила дека младинските политики што ги спроведува МТСП и Владата даваат позитивни резултати, односно довеле до пораст на вработеноста кај младите од 15 до 29 години од 30,2 проценти во 2017 година, на 34,6 проценти во вториот квартал од 2021 година.

Share
Scroll to Top