Шаќири-Гарсија: Создаваме квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем

пред 2 години

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хосе Луис Лосано Гарсија.

Шаќири, како што појаснуваат од неговиот кабинет, ги нагласил пријателските односи меѓу двете земји и споделил информации за реформските процеси кои се реализираат во Министерството за образование и наука.

„Република Северна Македонија цврсто опстојува на европскиот пат, и нашите заложби во образованието се создавање на квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем, согласно најдобрите европски искуства. Затоа ни е многу важна конструктивната поддршка и размената на знаења“, посочил Шаќири.

Кажал дека со промените во деветолетката, учениците се насочуваат кон настава што кај нив развива аналитичко и критичко мислење, ја поттикнува креативноста и ги обучува за препознавање вистинити и невистинити информации. Основни вредности кон кои упатуваат новите наставни програми се почитувањето на различностите, толеранцијата и мултикултурализмот. Што се однесува до промените во средното стручно образование, тие целат кон потесна врска меѓу училиштата и компаниите, како услов за задоволувување на потребите на пазарот на труд од една страна, и можностите за брзо вработување на младите, од друга страна.

Амбасадорот Гарсија кажал дека Шпанија останува сигурен партнер на Република Северна Македонија и ја искажал подготвеноста за континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Двајцата соговорници се согласиле дека од взаемен интерес е натамошното поттикнување на средби меѓу претставници на двете земји како добра насока за размена на позитивни практики.

Share
Scroll to Top