Шаќири: Градиме образовен систем што поттикнува развој на дигиталните вештини кај учениците

пред 2 години

Трета година по ред Северна Македонија е дел регионалната програма „Училишта на 21-от век“, финансирана од Владата на Обединетото кралство, која има за цел да го развива критичкото размислување, дигиталните и вештините за кодирање кај учениците на возраст од 10 до 15 години. Во рамки на програмата се организираат обуки за наставници околу начинот на нејзина реализација, но и натпревари за учениците на национално, а потоа и на регионално ниво, на кои тие го презентираат стекнатото знаење преку креирање на проект за надминување на одреден предизвик од секојдневието, со примена на уред за кодирање: микробит.

На ученичкиот натпревар во тековната учебна година кој се одржува денес, учествуваат 10 тимови на ученици чии предлог проекти, односно решенија за одредени општествени предизвици, ги минаа претходните фази на евалуација и беа оценети како најкорисни и иновативни.

Пред почетокот на натпреварот свое поздравно обраќање до учесниците имаше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека дигиталните вештини се веројатно најпотребните во денешно време, а тоа се должи на брзиот развој на технологијата и нејзиниот продор во сите општествени сфери.

„Нивното поседување е предуслов за извршување на бројни професии и занимања, а дефакто, во најмала рака неопходни се и заради секојдневна комуникација, информираност и одржување врски преку светот на интернетот. Токму и во таа насока го позиционираме националниот образовен систем, односно го насочуваме неговиот иден развој – градиме модел преку кој сите нови генерации на ученици, меѓу повеќе други вредности ќе стекнуваат и сé понапредни и понапредни дигитални вештини“, рече Шаќири, додавајќи дека се работи на осовременување на наставните планови, програми и материјали за учење, како и на опремување на училиштата со модерна ИТ технологија.

Министерот изрази задоволство што во напорите за модернизација на националниот образовен систем, земјата има голема поддршка од низа вистински и долгогодишни партнери меѓу кои и Обединетото кралство преку Британскиот совет и амбасадата во Скопје.

“Благодарение на програмата „Училишта на 21-от век“, микробит уредот кој пред 4 години беше сосема непознат за нашите ученици на возраст до 15 години, денес таа технологија е совладана и успешно се применува во наставата и во изнаоѓање на решенија за предизвици од секојдневието“, истакна Шаќири, потенцирајќи дека е воодушевен од проектите кои со помош на овој уред ги креирале учениците, со што докажале дека иако се релативно млади, како што рече, доколку од нив се побара да дадат предлог за надминување на одреден предизвик, ќе се потрудат и ќе предложат одлично решение.

Посакувајќи им успех на натпреварот, истакна дека сите ученици кои се дел од финалната фаза на натпреварот се гордост не само на нивните семејства, туку и национална гордост, затоа што, потврдуваат дека државата има млади кои ќе бидат предводници на промените и двигатели на општеството.

„Овде првото место е само за еден тим, но во светот и секојдневието ќе имате толку многу можности за натпревар и за докажување, што верувам дека поради вашиот голем натпреварувачки дух нема да сакате да ги пропуштите“, реше Шаќири.

Стручно жири составено од претставници на Бирото за развој на образованието и професори од ФИНКИ, ќе ги оценува презентираните ученички проекти, по што, точно на пладне ќе бидат прогласени победниците, односно најдобрите три проекти.

Share
Scroll to Top