Шаќири: подготвивме едукативен пакет за промовирање на вредностите на филмот „Медена земја“ меѓу учениците

пред 2 години

Преку воннаставни активности пораките од документарниот филм „Медена Земја“ кој во 2020 година се натпреваруваше за оскар, се пренесуваат на учениците на возраст од 10 до 14 години. Младите учат колку е важно да ја заштитиме животната средина од уништување и колкава е важноста на пчелите за општото добро.

Ова беше предвидено со меморандумот за соработка кој го потпишаа министерствата за образование и наука и за животна средина и просторно планирање, Бирото за развој на образованието и приватните компании Фармахем и Аполо. Тие заедно изработија едукативен пакет кој денес беше претставен пред јавноста, а веќе пилотира во основните училишта во 14 општини од Брегалничкиот регион каде учат над 8000 ученици од петто од деветто одделение.

На денешната промоција на резултатите од овој заеднички проект, министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека едукативниот пакет содржи три авторски дела: илустрирана книга за ученици од основно образование и две интерактивни игри кои се креирани на македонски, албански и турски јазик.

„Во едукативните материјали воведени се пораките од документарниот филм Медена Земја и истите побудуваат љубопитност, учење и размена на искуства меѓу наставници и ученици, што овозможува унапредување на сопствените вештини за доживотно учење“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека проектот ја зацврсти соработката помеѓу институциите од јавниот, приватниот и меѓународниот сектор, а тоа пак, како што рече, носи зголемена и споделена одговорност за креирање на услови за промена во образованието.

„Со овој креативен и уметнички производ, авторскиот тим овозможи одлуката на Владата на Република Северна Македонија за промовирање на вредностите од филмот Медена земја, да стане реалност“, потенцираше Шаќири. Појасни дека друштвената игра трае од половина час до најмногу 45 минути и овозможува секој од играчите различно да игра и различно да стигнува до победа. Од страна на авторскиот тим целосно се испочитувани 5-те принципи на играта како медиум за учење, односно принципите за важност, интерактивност, уживање, активирање и повторување.

За потсетување, документарниот филм „Медена Земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, беше во најтесната конкуренција за освојување на две од најпрестижните златни статуетки на 92. доделување на филмските награди. Во 2020 година пред почетокот на пандемијата со Ковид -19 нашите претставници приредија изненадување со квалитет преку споделување на реална приказна за последната жена

одгледувач на диви пчели во Европа која живее во симбиоза со природата. „Медена земја“ го исфрли селото Бекирлија како централното место не само во филмската индустрија, туку и во светски рамки токму со топлината и животната победничка филозофија на Атиџе Муратова за еднаква распределба. Во меѓувреме, филмот доби поддршка од владата за поголема промоција на пораките, особено помеѓу младата популација.

Share
Scroll to Top