Шилегов: Скопје веќе не е за едни мајка за други маќеа

пред 3 години

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на митингот во скопската општина Бутел своето обраќање го започна со најава дека во Бутел и во Скопје, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ победуваат уште во првиот круг од изборите:

„Во Бутел изминатиот мандат вложивме многу затоа што 30 години ВМРО-ДПМНЕ ја забораваше оваа исклучително важна општина за развојот на нашето Скопје. Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа, како што беше кога урбаната мафија од ВМРО-ДПМНЕ го бетонираше Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој ги продлабочи поделбите, конфликтите и разликите помеѓу центарот и периферијата на Скопје“, потенцираше Шилегов.

Тој ги истакна најголемите инфраструктурни зафати завршени во Бутел: „Со изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош обезбедивме побрз излез на скопската обиколница преку модерно булеварско решение со тротоари, вело-патеки, лед осветлување, средишно и странично зеленило. Исто и некогашната улица Босна и Херцеговина сега е булевар со велосипедски и пешачки патеки, ново зеленило и ново осветлување. Ги реконструиравме улиците Александар Урдаревски, Лазо Трповски и Боца Иванова, а започнуваме и со реконструкција на улицата Бутелска“, додаде Шилегов.

Ги најави и идните инфраструктурни зафати во Бутел.

„Во наредниот мандат го пробиваме булеварот Хрватска и ќе го продолжиме бул. Словенија до Ѓорче Петров и со тоа северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина. Со тоа се остварува долгогодишниот сон за поврзување на Бутел и Автокоманда со булеварско решение од булеварот Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски – Карпош до Естекада. Новиот булевар оди заедно со нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски и пешачки патеки“ најави Шилегов.

Укажа дека во овој дел од градот целосно се реконструирани средните училишта Арсениј Јовков и Зеф Љуш Марку, а обезбедени се и прочистувачи за воздух за секоја училница. Во делот на зеленилото, Шилегов нагласи дека само во Бутел се подигнати над 73.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 1.800 садници.

На крај, Шилегов ги повика бутелчани да излезат на гласање на 17 октомври: „Драги мои бутелчани, останаа уште 4 дена до денот кога заедно ќе ја прославиме големата победа. Разговарајте со вашите пријатели, посочете ги очигледните разлики меѓу нас и нив, секој глас е важен. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје“, нагласи Шилегов во своето обраќање пред жителите на Бутел.

Share
Scroll to Top