Ѓорѓиевски го крои буџетот за 2027 година со граѓаните: Скопјани ќе кажат каде да се вложуваат парите

Ѓорѓиевски го крои буџетот за 2027 година со граѓаните: Скопјани ќе кажат каде да се вложуваат парите

пред 2 часа

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, започна консултации со различни општествени групи и организации за креирањето на буџетот на Град Скопје за 2027 година, со цел приоритетите и инвестициите да произлезат од реалните потреби на граѓаните.

Како што информира Ѓорѓиевски во својата објава, во текот на денот остварува средби со младите, претставници на невладиниот сектор, урбаните и месните заедници, пензионерите, бизнис-заедницата и културните работници.

На средбите, како што посочува градоначалникот, главното прашање е кои се најважните потреби на граѓаните и што треба да се реализира во текот на следната година.

„Вие најдобро знаете која улица со години чека обнова, каде недостига место за спорт и на кое маало му треба повеќе зеленило. Токму од тие потреби тргнуваме кога одлучуваме каде ќе го вложиме секој денар од градскиот буџет“, наведува Ѓорѓиевски.

Тој нагласува дека транспарентноста и отчетноста остануваат негови водечки принципи, посочувајќи дека граѓаните треба да бидат вклучени во процесот на носење одлуки, но и да добијат отчет за реализираните проекти.

Според најавите, во новиот буџет ќе бидат предвидени средства за капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и заштитата на животната средина. Ѓорѓиевски посочува дека покрај големите инвестиции, внимание ќе им се посвети и на помалите локални зафати, како реконструкција на улици и подобрување на условите во одделни населби.

Градоначалникот ги повика скопјани активно да се вклучат во процесот со свои идеи, предлози и забелешки, нагласувајќи дека целта е буџетот за 2027 година да ги одразува приоритетите на граѓаните.

„Утре, кога ќе погледнете што сме изградиле, да можете да кажете дека ова е ваша идеја и е реализирана. Скопје го градиме заедно!“, порача Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски го крои буџетот за 2027 година со граѓаните: Скопјани ќе кажат каде да се вложуваат парите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top