Јанакиески призна вина за кинеските автобуси, Јанушев се изјасни за невин

пред 3 години

Миле Јанакиески како ексминистер, Снежана Филиповска-Павлевска како претседателка на комисија за спроведување на јавна набавка и Јулијана Јанкуловска-Атанасова член на комисијата признаа вина дека ги прекршиле правилата за јавни набавки при избор на компамија која ги набави 202 двокатни автобуси за ЈСП. Ова е епилогот од првото рочиште за овој предмет, каде обвинетите се произнесуваат за вина.

Пред судот, за невин се изјасни само Игор Јанушев, актуелен пратеник кој исто така бил член на Комисијата која ја спроведувала набавката. За него, судската постапка ќе продолжи. Во случајот нема штета врз буџетот на Македонија.

Според Обвинението, сите обвинети ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, а таа, немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што понуда на фирма од Бугарија била пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на ексминистерот Миле Јанакиески да склучи договор со него. Сите обвинети се гонат за исто кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

Обвинението за овој предмет беше поднесено во јули минатата година, а набавката била правена во 2009 година.

Share
Scroll to Top