Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска во Приштина, во рамките на неговата официјална посета на Косово, оствари средба со косовскиот премиер, Албин Курти.
Како што информираат од кабинетот на Џафери, изразувајќи загриженост за безбедносната состојба во регионот, особено по воената интервенција на Руската Федерација врз Украина, Курти оценил дека барањето на Косово за членство во НАТО и ЕУ треба да биде третирано со најголема сериозност.
Џафери посочил дека Северна Македонија има афирмативен став за пристапувањето на Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми и ќе продолжи со поддршката на овој план.
„Џафери и Курти оценија дека првата заедничка седница меѓу Владите на Северна Македонија и Косово несомнено преставуваше позитивен импулс за натамошно интензивирање на билатералните односи и надградување на заедничките интереси за поинтензивна регионална соработка. Тие изразија уверување дека од потпишаните договори и меморандуми ќе произлезат конкретни проекти, со цел за подобро инфраструктурно поврзување на двете земји, олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, соработка на полето на енергетиката, туризмот, културата, дијаспората и др“, се наведува во соопштението за средбата, во кое се додава дека Курти истакнал оти шест месеци по потпишувањето на овие договори треба да се направи проценка на нивното спроведување.