50 милиони евра за модернизација на земјоделството: Изградба на откупни центри и поголемо искористување на европските фондови

пред 4 години

Преку Проектот за модернизација на земјоделството, кој е дел од четиригодишната рамка за соработка со Светска банка, ќе се обезбедат 50 милиони евра за унапредувања во земјоделството, преку формирање на систем на дистрибуција на земјоделските производи и храна, изградба на откупно-дистрибутивни центри, обуки и советодавни услуги за земјоделците, поголемо искористување на европските фондови, како и креирање на систем за безбедно остранување на животинските нус производи, беше посочено на денешната прес-конференција, на која министерот за финансии Фатмир Бесими, директорот на Светска банка во Република Северна Македонија Масимилијано Паолучи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа го презентираа проектот.

За финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството обезбедени се 46 милиони евра од Светска банка и 4 милиони евра грант-средства од Европската унија. Средствата од Светска банка се добиени под исклучително поволни услови, со рок на отплата 12 години, со вклучен грејс-период од 4 години и каматна стапка од шестемесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, која во моментот изнесува 0,1%.

„ Проектот за модернизација на земјоделството има за цел да се подобри конкурентноста во земјоделството и да се зајакнат институционалните капацитети на земјоделскиот сектор за пристап до европските фондови. Со проектот ќе се придонесе кон подобрување на квалитетот на земјоделските производи и воведување стандарди при земјоделско производство, со што ќе се зголеми вредноста и конкурентноста на земјоделските производи на меѓународните пазари. Понатаму, предвидено е зајакнување на институционалните капацитети во однос на подготовка и спроведување на програмите за земјоделство и рурален развој, како и подобро искористување на европските фондови. Исто така, проектот предвидува воспоставување на систем при управување со државно земјоделско земјиште и систем за безбедно отстранување на нуспрозводи од животниско потекло“ рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Директорот на Светска банка Масимилјано Паолучи посочи дека кај нас не се користи целосниот потенцијал на земјоделството поради ниската продуктивност, недостаток на пристап до нови технологии и можности на пазарот, како и ограничено познавање на менаџментот и маркетингот од страна на помалите земјоделски производители и агро-бизниси. Исто така, тука се лошото управување и практики по бербата, вклучувајќи лошо сортирање и оценување, како и несоодветно пакување при транспортот, што ја поткопува свежината и квалитетот на производот. Покрај тоа, Северна Македонија има лимитирани и технички застарени капацитети за складирање кои имаат потреба од модернизирање, како на пример, преку климатско-отпорни центри за собирање и складирање на производите, кои ќе бидат стратешки лоцирани и технолошки напредни и кои ќе обезбедуваат целосен опсег на услуги за оценување, сортирање и пакување согласно стандардите за квалитет и испорака на купувачите.

„ Новиот проект за модернизација на земјоделството ќе опфати некои од горенаведените прашања. Со помош на советодавни услуги, споделување знаење и воспоставување на центри за набавка и дистрибуција, проектот ќе има за цел да поттикне модернизација што ќе доведе до подобрени производни практики и со тоа да го зголеми пристапот до домашните и меѓународните пазари“ рече Паолучи.

Министерот за земјоделство Хоџа, посочи дека овој проект содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозен позитивен импакт врз вкупната домашна економија.

„ Проектот предвидува неколку компоненти од кои најзначајна за земјоделците е компонентата „Промовирање на конкурентноста во земјоделскиот сектор“, со вкупна вредност од 32 милиони евра, која опфаќа изградба на Земјоделско-прехранбена платформа во Скопје, Откупно-Дистрибутивни Центри за земјоделски производи во Струмица и Ресен и зголемување на пристапот до советодавни услуги, за земјоделските производители и агробизнис секторот“ изјави министерот Хоџа.

Тој додаде дека Земјоделско-прехранбената платформа во Скопје, што ќе го покрие полошкиот и кумановскиот регион, ќе содржи откупно-дистрибутивен центар, современи „суви“ магацини, ладилници со перформанси кои сега не постојат на национално ниво, како и посебен технички центар, кој ќе содржи станица за чистење и дезинфекција на камиони, помошна опрема за пречистителна станица и станица за рециклирање на отпад.

Во рамки на проектот планирана е изградба на фабрика за преработка на нус производи од животинско потекло, со што ќе се исполни уште едно барање во усогласувањето на Република Северна Македонија со ЕУ стандардите и регулативите.

Share
Scroll to Top