Aрсовска најавува изградба на „мега-паркови“ во повеќе скопски општини

пред 3 години

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Арсовска, се заложи за изградба на паркови во скопските општни Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и во Ѓорче Петров, по примерот на градскиот парк.

Според Арсовска, потребата од ваква мерка се наметнува поради негрижата за Градскиот парк изминатите години.

„Имав прилика да разговарам со луѓето кои ќе бидат дел од идната локална власт во општините во градот Скопје и токму на оние места каде што заеднички разговаравме и дискутиравме дека има просторни можности, таму да се направат парковите. Меѓутоа и не само на тие локации. Понатаму во секој случај ќе имаме можност да разгледуваме и договараме со скопјани дали на нив тоа им одговара, иако јас верувам дека никој нема да има ништо против тоа да имаат навистина убав и голем парк во своето маало“, одговори Арсовска на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Во дел од експертската јавност, сепак. постојат сомнежи во ваквите најави поради потребата од менувањето на Деталните урбанистички планови на секоја општина поединечно за вцртување на паркови, па и на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, кој е документ кој ги обединува сите ДУП-ови.

Арсовска не откри колку би чинеле и колкава површина би зафаќале ваквите површини, имајќи предвид дека се работи за тн. „мега паркови“.

Таа нагласи дека ќе се посвети и на изградба на 20 помали паркови, во секое од населените места, но засега нема детали дали парковите би се граделе на приватно или јавно земјиште и како градот, финансиски би го поднел тоа.

Share
Scroll to Top