Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за поддршка на лицата со аутизам денеска во основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во Кисела Вода со поддршка на Sweet Support Foundation се организираше едукативна работилница за улогата на наставниот кадар во процесот на прифаќање на децата со аутизам во образованието, унапредување на методиката на работа и пристап за целосна инклузија во општеството.
Работилницата ја отвори претседателката на Sweet Support Foundation госпоѓата Сезен Цаноска, која изјави дека едукацијата и континуираното образование треба да бидат уставно право за создавање посветла иднина за децата со аутизам. Истакнувајќи ја суштинската улога на наставниците во животот на секој поединец во општеството, Цаноска посочи дека не само што едуцираат, туку тие и ги учат децата на морални вредности, како да се однесуваат, да бидат љубезни и пријателски настроени со своите соученици.
„Технологијата ја отвори вратата за нови знаења и го промени текот на образованието. Сепак, добриот учител има моќ да го промени животот во општеството и да нè води на најсовршениот начин, бидејќи технологијата тоа не може да го направи. Наставниците го прават овој свет подобро место за живеење. Вие сте ментори, родители, пријатели, Вие ја правите разликата во нечиј живот. Во истовреме, треба да бидете и мотиватор на родителите на аутистичните деца на кои им треба поддршка. Понекогаш можеби тие се осудуваат себеси, се чувствуваат виновни, исцрпени, а понекогаш тие се дури и очајни. Во оваа насока, Вашето поддршка и мотивација може да им даде надеж, бидејќи никој не
го познава своето дете подобро од родителите и наставниците. Да им покажеме на тие семејства дека не се сами и дека сме со нив“, изјави Сезен Цаноска, претседател на Sweet Support Foundation, додавајќи притоа дека сите во општеството треба заедно да помогнат во остранување на бариерите кои се резултат на дискриминацијата на децата со посебни потреби, да им се помогне да бидат вклучени во општеството и да се подготват за самостоен живот.
На едукативната работилница учествуваа заменик директорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф д-р Александра Србиновска Дончевски и Драган Даскаловски, м-р по специјална едукација и рехабилитација од областа на аутизмот и интелектуалната попреченoст. Според Србиновска Дончевски, сите напори кои се прават за инклузивно образование во нашата земја се сконцентрирани во основното образование, многу ретко се говори за инклузија во средните училишта, додека за инклузивноста во високото образование воопшто и не се зборува. Факт е дека образованието е важно за подобрување на животот на луѓето, отворање нови работни места, економски раст и социјална правичност.
„Во високото образование потребна е социјална вклученост, така наречена социјална димензија која се однесува на зголемениот пристап до високото образование, вклучувајќи ги и лицата со нетипичен развој, а истовремено поттикнувајќи го зголемувањето на нивниот труд и можности на пазарот. АУЕ – ФОН е лидер во високото образование за инклузивност и има обезбедено пристапна, добредојдена работна и средина за учење за лицата со попреченост, истовремено обезбедувајќи усогласеност со националните и меѓународните регулативи. И што е најважно ваквите практики се целосно поздравени од сите студенти, менаџерскиот, академскиот и административниот кадар“, истакна во своето обраќање пред наставниот кадар, заменик директорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф д-р Александра Србиновска Дончевски.
Драган Даскаловски кој има долгогодишно искуство и работа со деца со аутистичен спектар на нарушување, во рамките на своето предавање пред присутниот наставен кадар посочи дека 17 отсто од детската популација до својата петта година во најмала рака имаат развојно доцнење. Тој истакна дека најголемите предизвици со кои се соочуваат наставниците во процесот на подучување на деца со аутистичен спектар на нарушување во редовните училишта е недостатокот на комуникација, социјална интеракција и бихејвиоралниот фенотип на децата.
Даскаловски вели дека голем број од децата со аутистичен спектар на нарушување имаат потешкотии при адаптација на промени, па така промената на нивната рутина може да предизвика вознемирување. Во таа насока, наставниот кадар треба да го идентификува изворот за агресијата и да го научи детето дека тоа однесување нема да биде наградувано и поттикнувано, да му се укаже дека постојат алтернативни начини преку кои може да ги искаже своите потреби и незадоволства, но и да се поттикнува и наградува секое примерно однесување.
„Во процесот на едукација на дете со нарушување од аутистичниот спектар, треба да се применува индивидуален пристап и да се проценат неговите потреби. Важно е да се поставите на ниво на детето, внимателно и јасно да зборувате и да слушате, да бидете доследни, истрајни и трпеливи. Научете да влијаете на однесувањето на ученикот. За да можете да поставите ограничувања, неопходно е да имате изградено однос базиран на доверба со детето“, истакна Даскаловски во своето обраќање пред наставниот кадар во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, кој при тоа потенцираше дека клучната алатка во подучувањето на дете со аутистичен спектар на нарушување е стабилна соработка помеѓу наставникот, семејството, инклузивниот тим и терапевтите.
В.д директорката на ООУ „Невена Георгиева -Дуња“, м-р Наталија Делева изрази благодарност за едукативното предавање и воспоставувањето на соработката со Sweet Support Foundation, која на наставниот кадар им овозможи да се стекнат нови наставни приоди во наставно научниот процес со ученици со аутизам.
ПР