Откако порталите на групацијата „Клип медиа груп“ – А1он, Макфакс, Репортер, Топспорт, УСБ и Додај гас, решија да се повлечат од „Тајм“, еден од сопствениците Зоран Спасов вели дека и други медиуми се незадоволни, но се чувствуваат преслаби да го направат овој чекор затоа што зависат од него поради сообраќајот.
Според Спасов, ваквиот чекор е предизвикан од незадоволството поради „нецивилизираниот медиумски упад“ од страна на сопственикот, иако се свесни дека со овој потег можеби ќе им се намали читаноста.
– Прво, од неодамна „Тајм“ си зема право да ги дели медиумите на лево, десно ориентирани или неутрални и си ја додели титулата на политички полицаец. Тоа е навреда за уредниците и новинарите. Не постои човек или институција што го прави тоа. Сопственикот се однесува каубојски и невоспитано, вели Спасов за ММС.
Тој додава дека „Тајм“ се осмелил да бара од сите медиуми извештаи, аналитики, посети, корисници, место на серверите, што, како што рече, повторно ги пречекорува медиумските морални принципи.
– „Тајм“ не е медиум, а со ова направи медиумски нецивилизиран упад. Трето, до сериозни медиуми кои имаат од 20 до 40 новинари, чија сериозна работа тој не може да ја препознае, испраќа барање да се декларираат. А на неговиот сајт постојат виртуелни медиуми кои се измислени, кои копираат вести. Таа селекција, тоа фаворизирање медиуми нè иритира, потенцира Спасов.
Спасов посочува дека во „Грид“ коефициентите се транспарентни.„Клип медиа“ преку агрегаторот им дава можност и ги помага најмалите портали кои работат по стандарди, а не ги уништува.
– На „Тајм.мк“ има 80-90, на „Грид“ 270 портали, „Грид“ е таткото и мајката на сите медиуми во Македонија. Ние ќе истапиме, можеби ќе ни падне читаноста, но публиката ќе биде иста. Ако некој сака да ги следи овие медиуми, постојат три агрегатори, „Грид“, „Дејли“ и „Вести“, кои се веќе информирани, нагласи Спасов.
Додаде дека тој монопол, вештачки направен со години, мора да се сруши.
– „Инфо.мк“ има 27 новинари, а тој не го агрегира. Или ќе се однесува според фер и коректни принципи или ќе биде осуден од другите, рече Зоран Спасов за ММС.
Спасов рече дека има место за разговор, но со некој кој е на еснафско ниво, а не со некој кој се однесува брутално и функционира тајно.
Игор Трајковски, сопственикот на „Тајм“, во својата изјава си дава статус на уредник на агрегатор, што е признавање цензура на туѓи вести, а бидејќи агрегатор нема никакво авторство не може да стане збор за никакво уредништво освен цензура, селекција на подобни и неподобни, што е брутално побивање на слободата на медиумите и нивното авторство.