Бесими: Потребно е одржливо решение за раст на платите, но и зголемена продуктивност

пред 3 години

Платите во образованието треба да растат, а и во изминатите години имаше веќе неколку покачувања. Треба да растат и платите во здравството, правосудство,одбраната, безбедноста, но треба да се испорача и економски резултат, да бидеме свесни за глобалната ситуација и економијата да застане на здрави нозе, порачува во својата најнова колумна министерот за финансии Фатмир Бесими, во која пишува за продуктивноста, платите и човечкиот капитал.

– Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните – пишува министерот за финансии.

Во колумната Бесими наведува резултати од системска анализа на Светска банка, во која се нотира дека 11 години од предучилишно, основно и средно образование, според квалитетот на наученото, е еквивалентно на само 7,3 години во развиените земји.

-Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата. – пишува министерот за финансии.

Во однос на платите, Бесими пишува дека Владата создала реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, а поставен е и репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика, како во јавниот така и во приватниот сектор.

-Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на граѓаните. Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивниот квалитет. – пишува Бесими.

Министерот додава дека во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ценовни притисоци може да ја подгрева дополнително инфлацијата.

Share
Scroll to Top