Бочварски: Авиолинијата Скопје – Софија редовно ќе се вопостави од 27 март

пред 3 години

Авиолинијата Софија – Скопје започнува редовно да сообраќа од 27 март, со што отвораме нови можности за нашите граѓани, изјавија денеска од Скопје министрите за транспорт на Македонија и Бугарија, Бочварски и Сабев.

Владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а во придружба на делегација од Бугарија составена од министерот за транспорт, Николај Сабев и за министерот за туризам, Христо Проданов, како и тур-оператори од Бугарија денеска со првиот лет слетаа на Меѓународниот аеродром Скопје.

На средбата во Клуб на пратенци, покрај претставниците на владите на двете држави присуствуваа и претставници на тур-операторите. На средбата покрај воспоставување на редовната авиолинија, се разговараше и за зголемување на туристичката понуда.

„ Денеска на мое големо задоволство можам да најавам дека авио-линијата Скопје – Софија ќе започне активно да лета од 27 март, оваа пролет. Заедно со колегите од Република Бугарија и со тур-операторите донесовме значајни одлуки за туризмот и за економијата на двете земји. Нашата соработка е на високо ниво и така ќе продолжиме и во наредниот период. Со заеднички заложби и решенија отвораме нови можности за нашите граѓани, но и придонесуваме за развој и раст на економијата.“ – изјави по работната средба министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој додаде дека оваа средба е силна порака со која се покажува силната волја за инфраструктурниото поврзување меѓу двете земји.

Министерот за инфраструктура на Република Бугарија, Николај Сабев истакна дека со денешната средба на тур-операторите на двете земји се воспоставија нови врски во развој на економските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Тој најави изградба на преостаниот дел од патниот правец до граничниот премин Клепало.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека туризмот има значајна улога во делот на економскиот развој на нашата држава.

„ Според податоците минатата година, споредбено со 2020 година имаме двоцифрен раст на бројот на бугарски туристи во нашата држава, и токму преку вакви проекти очекуваме и во наредните години ќе се дуплира бројот на туристи и во нашата држава и од наша страна кон Р.Бугарија.“ – кажа Бектеши и додаде дека како придонес оваа нова авио-линија да има поголема економска оправданост во финална фаза е и потпишување на Меморандум за соработка во делот на соработката на туризмот, а посебно во делот на заеднички презентирање на можностите на Северна Македонија и Бугарија во трети земји.

Двајцата министри за транспорт, Бочварски и Сабев, најавија нови средби на кои посебен фокус ќе се стави на железничкото поврзување.

Share
Scroll to Top