Кандидатот за градоначалник на Гостивар од Националната алијанса за интеграција, Валбон Лимани, претстави три проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар.
„Денес презентираме конкретни проекти кои имаат за цел да го трансформираат Гостивар во функционален, зелен и отворен град за сите, каде модерната инфраструктура коегзистира со рекреативни и културни простори. Подземниот паркинг во близина на Општината е еден од клучните проекти што има за цел решавање на овие проблеми. Во центарот на градот планираме изградба на модерен подземен паркинг со 126 паркинг-места, опремен со современа безбедносна технологија и брз пристап до јавните институции, трговските и културните објекти. Оваа инвестиција ќе ги ослободи јавните простори од хаосот на автомобилите, ќе ја намали загаденоста и бучавата и ќе го направи центарот на градот почист и поорганизиран“, рече Лимани.
Тој кажа дека трансформацијата на центарот на градот е следниот чекор кон модерен Гостивар.
„Центарот ќе премине од преоптоварен простор во место на гордост за секој граѓанин. Проектот предвидува изградба на подземен премин за возила и пешаци, како и подземен паркинг со 219 паркинг-места во срцето на градот. Површината над земја ќе се трансформира во модерна јавна платформа, со зелени површини, детски игралишта, рекреативни зони и културни простори за концерти, изложби и различни настани“, рече Лимани.
Друг значаен проект, додаде Лимани, е Рекреативниот езерец и Павилјонот во Градскиот парк на Гостивар.
Според него, овој проект додава нов природен и релаксирачки елемент, со интервенција на само околу 10% од површината на паркот, во зоната помеѓу Градскиот стадион, реката Вардар и постојните патеки.
„Главните елементи вклучуваат: -рекреативен езерец од 2.200 м², со длабочина до 1,5 метри; -дрвен мост од 245 м²; -простор со чакал од 900 м². Овој езерец придонесува за зачувување на биодиверзитетот преку создавање природно живеалиште, додека павилјонот и дрвениот мост нудат простори за одмор, прошетки и социјална интеракција. Областа околу стадионот ќе се оживее и ќе се претвори во урбана референтна точка со висок рекреативен и туристички потенцијал за Гостивар“, рече Лимани.
Текстот Валбон Лимани претстави 3 проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар е превземен од МАКФАКС.






