(Видео) Лефков: Славјанка Петровска на мисии праќа офицери без НАТО сертификат

пред 3 години

Славјанка Петровска по стапките на Радмила Шекеринска упатува персонал во мисии надвор од Република Македонија без да се почитуваат основните услови, oбвини на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што посочи тој, кандидатите не поседувале НАТО безбедносни сертификати.

„На мисии се праќаат офицери без да ги исполнуваат потребните услови, само ако се во врска со политичкиот врв.

Според наши информации земјава има случај на сериозен безбедносен пропуст кога е вратен висок офицер на АРМ од мисијата КФОР во Косово. Имено, постојат индиции дека службите имале одредени информации дека офицерот не ги задоволува критериумите, сепак по одредено политичко влијание од поранешни политичари со потекло од истото село од кое потекнува и тој, село Муртино, струмичко, офицерот без безбедносен сертификат заминал на мисија“, кажа Лефков, додавајќи дека ова не е првпат да се направи ваков безбедносен пропуст.

Потсети дека слична ситуација имало и во мисијата ИСАФ во Авганистан, кога биле упатувани лица без безбедносни сертификати.

„Во најновиот скандал, после поминати пет месеци во мисија, офицерот по налог на НАТО беше приморан да се врати предвреме, но се поставува прашање кој ќе ја преземе одговорноста за направена штета на буџетот во висина од 50.000 евра по основ на плати, логистички трошоци и административни трошоци“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека без поседување на сертификат, нашиот офицер во базата во Косово не можел да извршува никакви задачи, односно, како што кажа Лефков, пет месеци само спортувал и одмарал.

Share
Scroll to Top