(Видео) Мизрахи: Не може да има кредибилна истрага додека Заев и Филипче се на функција

пред 3 години

Морална одговорност се чувствува, а ниту Венко Филипче, Зоран Заев, Артан Груби или било кој во Владата ја има, обвини денеска претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, во врска со трагедијата во Тетово.

„Животите на луѓето во болницата во Тетово беа и се одговорност на државата и одговорните во здравствениот систем. Тие луѓе требаше да се лекуваат, а не да ги изгубат своите животи како последица на неодговорноста и неспособноста на власта“, истакна Мизрахи.

Како што кажа таа, истрага мора да има, не заради тоа што власта го сака тоа, туку затоа што законски мора.

„Но, истрага која ќе ја раководат Зоран Заев, Венко Филипче и Артан Груби и институциите под нивна директна контрола или влијание, нема да биде ниту објективна, ниту ќе ги даде точните и вистинските одговори. Не може да има кредибилна истрага со веродостоен извештај се додека политичката моќ е сконцентрирана кај истите тројца луѓе кои и се најодговорни за оваа децениска трагедија“, посочи претставничката на опозициската партија.

Според неа, Венко Филипче, Зоран Заев и Артан Груби, како и директорот на тетовската болница, брат на министерот за финансии Фатмир Бесими, треба да ги напуштат функциите кои ги имаат.

„Власта да беше спремна да утврди одговорност за доцнењето на вакцинацијата и за најголемата стапка на смртност од Ковид во Европа можеби немаше да се случи оваа трагедија. Од тука, нема да премолчиме, зошто ако повторно ја прикриете одговорноста како за се досега, ќе направите и поголеми трагедии и поголеми скандали во иднина“, кажа Мизрахи и додаде дека најпрво мора да има морална одговорност, потоа кредибилна и непристрасна истрага, а на крај и кривична одговорност.

Share
Scroll to Top