(Видео) Обвинителката во случајот со силуваните малолетници: Kазните треба да влијаат во иднина да нема деца жртви

пред 3 години

Обвинителката Наташа Поп-Трајкова ќе бара уште поголеми казни за мајката и полицаецот кој тргувале со дете, а експолицаецот и го силувал. Таа во изјава најави и жалба пред Апелациониот суд во Скопје. Поп-Трајкова кажа дека целиот процес е завршен во краток временски период.

За 60 дена од отпочнување на постапката во Обвинителство е поднесен обвинителен акт, а за неполни два месеца е донесена првостепена пресуда.

„Законодавецот предвидел високи казни за овие кривични дела, од страна на судот и навистина беа изречени високи казни затвор, спрема едната обвинета во висина од 15 години, како и денес изречената 18 години казна затвор. Ќе се жалиме и на овие високи казни затвор, од повеќе причини. Една од причините е што дејствата кои обвинетите ги имаат преземено спрема оштетените две деца жртви, се дејствија кои ќе остават влијание врз цели вкупниот живот, ќе влијаат на животот на децата, тргнувајќи од менталното здравје, сегментите кои се однесуваат на создавање слика за самите себе и градење на сопствена личност врз основа на таа слика. Обвинителството и во завршен збор па и во жалбата ќе се повика на Конвенцијата за заштита на правата на децата. Сметаме дека ваквите високи казни кои Oбвинителството ќе бара да се зголемат, ќе испратат порака до јавноста дека децата во никој случај не смеат да бидат експлоатирани, злоставувани, а најмалку сексуално злоставувани. Се надеваме дека овие казни кои се изречени и евентуално Апелација ќе ги зголеми, дека ќе влијаат во иднина да немаме деца жртви на овие кривични дела“, вели обвинителката Поп-Трајкова.

Таа кажа дека трите малолетни деца, меѓу кои силуваната ќерка, се згрижени.

„Уште во текот на истражната постапка, Обвинителството даде наредба и другите две малолетни деца кои се на возраст од осум и шест години, да бидат соодветно преземени и сместени од страна на социјалните органи. Тие се згрижени, а исто така и едното дете кое е жртва. Другото дете кое е жртва во меѓувреме наполни 18 години и не може да биде сместен во загрижувачко семејство или во било која социјална установа. Обвинителството побара мерки на заштита како жртва на деликти од полова положба, па ќе ја користи секоја процесна заштита“, додаде обвинителката.

Share
Scroll to Top