(Видео) Пендаровски во Брисел: Усвојувањето на преговарачката рамка е наш клучен приоритет

пред 4 години

Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на Брисел, денеска оствари средби со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли.

На средбата со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Борел, претседателот Пендаровски истакна дека во изминатиов период Северна Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива. Нагласувајќи дека интеграцијата на Северна Македонија е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски истакна дека е неопходно Европската Унија дополнително да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда, како и генерално, врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.

Соговорниците се осврнаа и на состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со Ковид-19 како и на процесот на имунизација. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја поздрави солидарноста на Европската Унија и заблагодарувајќи се за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, изрази очекување дека до крајот на август, ќе пристигнат и вакцините коишто Северна Македонија треба да ги добие преку механизмите во рамки на Унијата.

На средбата со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли беа разменети мислења и информации за напредокот на Северна Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на Ковид-19.

Двајцата соговорници ја нагласија исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот Парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Европската Унија. Изразувајќи задоволство од силната и принципиелна поддршка на ЕП во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време, е наш клучен приоритет.

Share
Scroll to Top