(Видео) Специјалните полициски единици добија модерен оперативен штаб во Ѓорче Петров

пред 3 години

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се обрати на денешната церемонија по повод пуштањето во употреба на реновираниот објект на Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, на која учествуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.

„Станува збор за важна донација од Европската команда на Армијата на САД, во вредност од околу 475 илјади долари која е реализирана преку ИЦИТАП програмата, Меѓународна програма за поддршка во обука во доменот на кривични истраги при Владата на САД, а добиена преку Амбасадата на САД. Со неа Специјалните полициски единици во полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’ добија реновиран модерен објект за сместување на полициски службеници од нашата држава, но и од целиот регион, кои учествуваат во обуки и вежби за организирана борба против недозволената трговија со наркотици“, рече министерот Спасовски.

Тој нагласи дека со овој проект полицискиот центар „Ѓорче Петров“, кој е и оперативен штаб на Единицата за брзо распоредување при БЈБ, ќе има дополнителен инпут и во зголемувањето на полициската интероперабилност во регионот, бидејќи овие професионалци од повеќе земји – Албанија, Србија, Хрватска, Косово, БиХ, Бугарија, Грција – работат заедно во борбата за сузбивање на меѓународните криминални групи инволвирани во трговијата со наркотици.

Спасовски упатувати благодарност до ИЦИТАП програмата при Амбасадата на САД во земјава, кои како партнер и силен поддржувач, изминативе години несебично инвестирале во осовременување на капацитетите на МВР, преку бројни донации во разновидна техничка помош, но и во стручна, професионална и техничка едукација и обука на полициските службеници од повеќе организациони единици.

За амбасадорката Брнз овој модерен објект ќе значи поддршка за интерните обуки на специјалните единици во државата, но ќе придонесе и за продлабочување на регионалната соработка со соседните и партнерските држави на Балканот.

Таа потсети дека Специјалната антитерористичка единица веќе заврши интензивна и ригорозна специјалистичка обука во Германија заедно со специјалните единици на САД, со цел подготовка за урбани операции во најтешките и најсложени мисии, при што на полициските службеници кои учествуваа на обуката им додели сертификати.

Share
Scroll to Top