Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција истакна дека трет ден МВР крие како е можно фирма за товарен транспорт да добие милион евра за три месеци, ама како што нагласи истата не за транспорт, туку за водоинсталатерски работи и за соларни панели?
Наместо МВР, празни флоскули во соопштенија, вели Стоилковски, испраќа СДСМ што според него само ја дооформува сликата за тоа која и чија, може да е фирмата. Првиот тендер во вредност од половина милион евра, како што појасни Стоилковски бил во октомври, пред локалните избори. Бил за водоинсталација и канализација. Вториот тендер во висина од половина милион евра бил во јануари.
„МВР мора да одговори како фирма за товарен патен транспорт добива тендер за водоводни и канализациски работи и потоа за соларни панели за топла вода и нивна инсталација, вкупно вредни милион евра? И не одговара како тендерите ги добива оваа фирма во конкуренција со специјализирани компании за работите со децениски искуства, фирма за товарен транспорт пред специјализирани фирми“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека се работи за фирма на еден човек којашто и до сега според неговите зборови била посочувана за скандалозни тендерски врски со СДСМ.
Ова е скандал којшто според него отвора огромен број прашања на коишто само сериозна истрага може да одговори дали има злоупотреби на МВР, дали има злоупотреби на тендери, злоупотреба на буџетски пари, можеби во насока на изборни цели, на изборна корупција?
„Македонија тоне во корупција и криминал, во скандали се замешани луѓе коишто ги водат институциите, а Јавното обвинителство и правосудството не реагираат“, заклучи Стоилковски.