Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција оцени дека власта намерно прави деловнички грешки со закажувањето на седницата на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање.
Петровска посочи дека таа била известена да претседава со седницата закажана за денес, но утрово добила известување од претседателот на Собранието дека седницата е одложена. Објасни дека од неофицијални извори разбрала дека станува збор за „утната процедура“ или погрешна примена на Деловникот, но истакна дека како пратеничка и членка на Комисијата е подготвена да претседава кога било, според правилата.
„Како пратеничка на СДСМ, од интерес ни е надзорот да се спроведе и граѓаните да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации е неприфатлив“, рече Петровска.
Таа нагласи дека СДСМ нема што да крие, но се сомневаат дека власта има што да крие, особено поради инсистирањето за декласификација на документите.
„Несериозен е пристапот на власта, особено затоа што тие се тие што го обелоденија овој таканаречен скандал, а при тоа пропуштија правилно да го применат Деловникот. Тоа е сомнително, најмалку речено. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат. Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината“, рече Петровска.
Можеби, како што додаде, ова одложување е резултат на страв од таа декласификација.
Петровска додаде дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Џепи, не бил информиран за нејзиното претседавање, а службите потврдиле дека иницијатива за свикување на седницата не била доставена.
Заклучи дека ако надзорот се одржи и документите се декласифицираат, сите дилеми ќе бидат разрешени и ќе се знае вистината, предупредувајќи на можноста за спојување на двете агенции со цел поставување на човек без искуство на чело на новата агенција.
Текстот (Видео) Утната процедура е можна причина за одложување на седницата за прислушувањата, Петровска бара декласификација е превземен од МАКФАКС.





