„Уште колку животи треба да згаснат за одговорност? Уште колку трагедии треба да се случат за Панче Тошковски да поднесе оставка?“, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова на денешната прес конференција.
„Јавноста е во тага, во шок но и бес. Во последната трагедија во Карпош згаснаа животи на мајка и малолетна ќерка. МВР на Панче Тошковски не ги заштити. 12 пријави имало за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана“, истакна Шукова.
Таа праша колку жени пријавуваат семејно насилство, а институциите не реагираат навремено и соодветно.
„Сериски насилник во Велес одзеде два животи – на младата Росица и на нејзиниот татко. МВР на Тошковски потфрли. Шест месеци се води предистрага дали 11 полицајци постапиле соодветно“, нагласи Шукова.
Пропусти, како што рече, има и во други трагедии кои ја потресоа јавноста.
„Во Кумановско Старо Нагоричане сериски убиец одзеде пет женски животи. Две години биле игнорирани пријавите на жителите. Повторно потфрлање на МВР. Во трагедијата во Кочани згаснаа 64 жртви. Тошковски ги штитеше неговите началници“, рече Шукова.
Таа нагласи дека министерот се обидува да ја избегне одговорноста.
„Сè прави за да ја тргне одговорноста од себе. Организира собири со празни приказни дека ќе штити 24/7. Ги повикува институциите, а тој води институција. Сè е пропаганда, никаде нема одговорност“, посочи Шукова.
„Пропагандата нема да ги врати загубените човечки животи“, додаде таа.
Во пресрет на 8 Март, Шукова повика на гласна реакција против насилството и институционалните пропусти.
„Утре, на Денот на жената, е денот да се дигне гласот на жените. Форумот на жени на СДСМ организира протестен марш во Богданци со почеток во 12.00 часот. Но, целосно го поддржуваме и граѓанскиот марш во Скопје. Ги повикуваме сите да се приклучат“, рече таа.
„Од Скопје до Богданци, цела Македонија – сите во еден глас. За сите обесправени, за сите понижени жени, за сите жртви, за сите изневерени од системот, од државата, од власта. Да се крене гласот и да се каже доста е“, нагласи Шукова.
„Нема да молчиме. Има да нè има. Рацете ви се крвави. Оставка!“, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова.
Текстот (Видео) Форумот на жени на СДСМ обвинува: МВР потфрли во низа трагедии, Тошковски да поднесе оставка е превземен од МАКФАКС.






