Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми, реагираат новинарските организации за посетата на Рим

пред 2 години

Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска е во Рим во работна посета во рамки на одбележувањето на 24ти мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Во рамки на посетата присутни се новинари и медиумски работници на неколку медиуми за да известуваат за настанот, велат од Здружението на новинарите, Советот за етика на медиумите и Сојузот на синдикатите на новинарите во Македонија.

var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);

Новинарските организации реагираат дека за изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети.

„Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба“, се наведува во заедничкото соопштение.

Оттука се децидни дека користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните.

„Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи. Оваа практика на Владата, ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи“, наведуваат новинарските организации.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.

Share
Scroll to Top