ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе предлог измени на Законот за тутун

пред 4 години

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денес во Собранието поднесе предлог за измени и дополнување на Законот за тутун, по скратена постапка.

Со предлогот, ВМРО-ДПМНЕ бара продолжување на рокот за откуп на тутунот до 31ви март 2021 година, понатаму обезбедување на сигурност за склучување на договор за откуп и покрај тоа што е веќе поднесен приговор, како и допрецизирање на третманот на неферментираниот тутун.

Oпозицијата оцени дека голготата на македонските тутунари во последниве неколку месеци ескалирала и е надвор од контрола.

„Во овој момент, состојбата со откупот е срамна, цената на откупот е 160 денари што е за 60 денари пониска откупна цена од ланската. Нашите информации и искуства од терен покажуваат дека реалната цена е уште пониска и од тие 160 денари бидејќи се работи за вештачка и наштелувана цена. За апсурдот да биде уште поголем, дури и таквата вештачка и наштелувана откупна цена, таа е прениска и срамна. Од друга страна, се увезува тутун без никаква контрола и стратегија, 5000 илјади тони домашен тутун ќе остане неоткупен и ќе скапува по визбите, а македонските тутунари остануваат и ќе останат со празни раце, ниту тутун, ниту пари“, изјави Петар Ристески, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, како што наведе тој, опозициските пратеници досега безброј пати апелирале до Владата да обезбеди достоинствена и според трудот заслужена државна помош како обештетување од лошата земјоделска политика досега, а не милостина која во никој случај нема да ги реши егзистенционалните проблеми и потешкотии на тутунарите.

Според Ристески, единствената цел на овој закон е решавање на проблемите со кои се соочуваат тутунарите и конечно ставање крај на лагите, уцените, заканите и игрите кон македонскиот тутунопроизводител.

 

Share
Scroll to Top