Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, свечено го отвори новиот парк со прв инклузивен сообраќаен полигон во општината, простор наменет за игра, учење и развој на сите деца, вклучително и на децата со попреченост.
На местото на поранешниот запоставен простор, општината доби нов, современо уреден простор од околу 1.250 м², лоциран во рамки на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Паркот е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за подобрување на животната средина и создавање нови зелени површини. Во изминатите четири години, беа оформени и уредени над 80.000 м² ново зеленило, со што значително се унапреди квалитетот на живеење. Полигонoт, пак, е прилагоден за потребите на сите деца и опремен со пристапни патеки, визуелни елементи и тактилни површини.
-Грижата за лицата со попреченост е еден од врвните приоритети во нашата работа. Отворањето на овој парк и инклузивен сообраќаен полигон е конкретен доказ за тоа. Се наоѓаме во училиште кое има специјална задача, да обезбеди образование и поддршка за децата со оштетен вид, и не случајно, токму тука вложуваме во инфраструктура која е достапна и корисна за сите. Уште на почетокот на мојот мандат, започнавме да ја поддржуваме оваа установа со донација на книги напишани на Брајова азбука за училишната библиотека. Денес, таа поддршка добива и просторна димензија. Но, со овој парк испраќаме и друга силна порака- дека Кисела Вода останува посветена на создавање зелени, чисти и функционални површини што ќе им служат на сите генерации. Од депонии правиме паркови. Од запуштени простори, безбедни и уредени катчиња за децата. И тоа е визијата со која продолжуваме да ја менуваме општината на подобро- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Инаку, во Кисела Вода по извршената реконструкција, се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште во државата, „Кузман Јосифовски Питу“, како и првата инклузивна јавна детска градинка во Скопје. Со ваквите проекти, локалната самоуправа покажува дека грижата за најранливите категории не е само декларативна, туку реална и видлива на терен.
Текстот Во Кисела Вода отворен нов парк со сообраќаен полигон е превземен од МАКФАКС.