Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера донел наредба за истражна постапка против лице од гостиварско, за сторено кривично дело трговија со луѓе.
Од МВР, пак, надополнуваат дека станува збор за извесен Н.Р. (52) од селото Леуново, општина Маврово и Ростуше, со престој во селото Добри Дол, општина Врапчиште, гостиварско.
Како што информираат од Обвинителството, осомничениот во периодот од средината на март 2021, па сè до 20 март годинава, во угостителски објект во Гостивар со кој управувал, со употреба на сила и закана, како и со злоупотреба на својата положба, подведувал на вршење проституција повеќе женски лица, наши и државјанки на Русија, Украина, Србија, за одреден паричен надоместок.
Жртвите биле и трудово експлоатирани, со што осомничениот се стекнал со противправна материјална корист. Експлоатацијата по пат на проституција се вршела во самиот угостителски објект на подрачјето на Гостивар, како и на други локации и објекти во Гостивар и Тетово.
При извршени претреси од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на угостителскиот објект и претрес во деловни простории што ги користел угостителскиот објект затекнати биле осомничениот, три странски државјанки од Србија и една македонска државјанка, како и шест лица гости во објектот.
Гостиварецот бил лишен од слобода и по предлог на јавниот обвинител, од Судија на претходна постапка му е одреден притвор во траење од 30 дена.