Судот поведе постапка за мајка која не го почитувала решението за изолација на малолетната ќерка.
Како што се наведува, наместо во изолација од 14 дена, мајката му го дала детето на таткото, без да го извести за изолацијата, а тој се сретнал со детето надвор од неговиот дом. За одредената задолжителна изолација на ќерката дознал кога на неговиот телефонски број, преку апликацијата Вибер му пристигнало решението на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„ Обвинетата, како законски застапник на дете родено 2019 година, не постапила според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Имено, иако со решение на Државниот здравствен и санитарен инспекторат детето било ставено под здравствен надзор и домашна изолација во траење од 14 дена од 11.08.2021 година, обвинетата без да го запознае таткото на детето за настанатата ситуација, од 19-22.08 му ја дала ќерката за тој да оствари видување на кое имал право со решение на Центарот за социјални работи“ соопшти обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за обвинетата да одреди парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.