На територијата на Македонија до 18:00 часот се регистрирани вкупно десет пожари на отворен простор, од кои еден сè уште е активен, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најтешка е состојбата во општина Ново Село, каде што пожарот кој зафатил депонија и сува трева кај селото Колешино сè уште гори и ги мобилизира екипите на терен. Додека таму битката продолжува, во Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, огнената стихија што зафати мешана шума е ставена под контрола, но пожарникарите и шумската полиција и натаму внимателно го следат теренот за да спречат повторно разгорување.
Останатите осум пожари кои денеска предизвикаа сериозни грижи се целосно изгаснати. Во Илинден, кај клучката Инџиково, беше запалено ѓубре на обиколницата, додека во Студеничани и во селото Подвис во општина Кривогаштани огнот зафати сува трева. Слична слика имаше и кај селата Турново и Секирник во општина Босилово, каде што беше зафатена депонија и тревна површина. Во Струга, пак, пожарот во селото Дрслајца, каде што гореше ѓубре, е изгаснат со брза интервенција на екипите.
И во Кичево, кај селото Цер, беше забележан пожар во ѓубре, додека во Куманово, на локацијата Пчињски Пат, огнот зафати сува трева, дрва и дури четири моторни возила на еден авто плац. Во општина Липково, кај селото Ваксинце, беше запалено стрниште, но пожарот таму е ставен под целосна контрола.
Според ЦУК, иако голем дел од пожарите се изгаснати, вниманието останува на теренот, особено во Колешино, каде што пламениците и натаму се шират.
Текстот Гори депонија кај Ново Село, под контрола пожарот во „Јасен“, осум се изгаснати е превземен од МАКФАКС.





