Граѓански здруженија бараат закон со кој ќе се спречи изградба на хидроцентрали на Шар Планина

пред 4 години

Четириесет и четири граѓански здруженија и иницијативи бараат закон со кој ќе се спречи изградба на хидроцентрали на Шар Планина. Тие велат дека доколку Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк се усвои онака како што е предложен, ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара, во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.

Здруженијата предупредуваат дека доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали.

„Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување. Со намера да спречиме усвојување на закон кој ја остава отворена вратата за продолжување на уништувањето на Шар Планина, се здруживме 44 граѓански здруженија и иницијативи и испративме заеднички коментари до Министерството за животна средина, кое има законска обврска истите да ги земе предвид“, се наведува во соопштението.

Здруженијата сметаат дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика.

„Свесни за потребата за што поитна заштита на Шар Планина и спречување на тековното и идно уништување, додека Нацрт-законот не се хармонизира со сите релевантни закони, стратегии, програми, итн., бараме Министерот за животна средина, согласно со член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита“, велат здруженијата.

Share
Scroll to Top