Една година од несреќата во Кочани: „2 часот и 32 минути. Во ‘Пулс’. Во тој миг 63 млади срца престанаа да чукаат меѓу нас“

Една година од несреќата во Кочани: „2 часот и 32 минути. Во ‘Пулс’. Во тој миг 63 млади срца престанаа да чукаат меѓу нас“

пред 2 часа

Денеска се навршува една година од стравичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Семејства, пријатели и познаници на жртвите синоќа пред дискотеката оддадоа почит на загинатите.

„2:32
Постојат моменти во животот на еден град кога времето се дели на две :
на пред и на после.
За Кочани,
тој момент е 16 март 2025 година.
Ноќ што почна како многу други — со младост, музика и смеа.
А потоа дојде мигот што засекогаш ќе остане врежан во нашата меморија.
2 часот и 32 минути. Во „Пулс“.
Миг што ја раздели ноќта на две.
Миг што раздели семејства од нивните деца.
Миг што го промени животот на целиот град.
Во тој миг 63 млади срца
престанаа да чукаат меѓу нас.
63 насмевки.
63 соништа.
63 животи што требаше да продолжат.
Секој од нив беше нечие дете,
нечиј брат или сестра,
нечиј најдобар пријател.
Секој од нив беше цел еден свет.
Кога ќе изгубиш толку светови одеднаш, тишината станува погласна од секој збор.
Но има нешто што никој не може да го одземе —споменот.
Денес тие се 63 ангели што го осветлуваат небото над Кочани.
И наша должност е нивната светлина никогаш да не згасне.
Затоа што луѓето не исчезнуваат кога ќе си заминат. Тие исчезнуваат само кога ќе бидат заборавени.
А Кочани никогаш нема да ги заборави своите 63 ангели.
Затоа…
кога часовникот ќе покаже 2:32, застанете за миг.
И сетете се дека тогаш 63 светла се претворија во вечност 🕯💔“, пишува во објавата на Здружението на граѓани „16 март 2025“.

„Нека светлината сведочи да не заборавиме. Нека тишината звборува за љубовта што останува“, рекоа од Здружението „16 март 2025 Кочани“.

На просторот пред дискотеката вчера беа поставени 63 бели срциња, на кои е испишано името и годината на раѓање на сите 63 загинати.

Викендов во Кочани беа организирани низа настани за сеќавање на загинатите, меѓу кои и велосипедска тура и кошаркарски натпревар. Денеска во Центарот за култура „Бели Мугри“ ќе се одржи комеморативен настан во спомен на загинатите во пожарот.

Текстот Една година од несреќата во Кочани: „2 часот и 32 минути. Во ‘Пулс’. Во тој миг 63 млади срца престанаа да чукаат меѓу нас“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top