Ќе ги отстрануваме сите учебници во кои има содржини што навредуваат, повредуваат или не се соодветни, рече премиерот Зоран Заев во врска со учебникот по Географија за втора година средно образование.
„Добив информација од Министерството за образование и наука за промена на учебниците што се подготвува за следната учебна година. Ќе биде променет и учебникот по Географија, кој постои од 2002 или 2006, но проблемот првпат е увиден во 2018 година и доаѓа за промена токму сега“, рече Заев.
На ова реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека премиерот со најавата за менувањето на учебниците по географија прави своеглаво газење на историјата на оваа земја, иако му ветил на македонскиот народ дека ништо нема да се менува.
„Наместо да ја менува историјата во учебниците само за да го задржи своето место на политичката сцена во Република Македонија, го повикуваме веднаш да почне консултации со научната јавност во државата. Дали е ова обид за уште еднаш бришење на македонската културна посебност?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно вчера, првиот вицепремиер, Артан Груби и министерката за образование, Мила Царовцска најавија дека учебникот по Географија ќе биде повлечен по реакциите дека има содржини кои се навредливи за Албанците.
Тие се согласиле дека според Законот за учебници, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени. Во овој случај ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, според кој „учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“, беше соопштено.
Минатата недела имаше и протест на партиската младина на Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои ги скинаа и ги запалија спорните страници од учебникот по Географија. Имено, на 99. страница од книгата, каде што е напишано: „меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род што потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.
И на 104. страница како спорен момент го наведуваат напишаното дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, како што пренесоа медиумите на албански јазик, на оваа страница спорно е и тоа што е напишано: „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.