„Заедно посилни“: Загрижува значително намалената стапка на новооткриени случаи на ХИВ

пред 4 години

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ изразува загриженост поради фактот дека оваа година е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година.

Од таму велат дека ова може да се објасни со кризната состојба поради коронавирусот, но не смее да се занемари.

„За да останеме на патеката кон ставање крај на ХИВ-инфекцијата како проблем на јавното здравје, неопходно е значително да го зголемиме бројот на луѓе со ХИВ што го откриле својот позитивен статус и почнале со терапија. Очекуваме буџетот за антиретровирусна терапија да се планира врз основа на потребите и да се сообразува со зголемениот број пациенти што имаат потреба од терапија секоја наредна година. Потсетуваме дека вкупниот број пациенти на терапија во последниве 3 години се зголемил за повеќе од половина во однос на состојбата од крајот на 2017 година. За ова прашање апелираме да се изнајде итно решение за 2021 година“, велат од Здружението, по повод 1 декември – Светскиот ден на СИДА

Од „Заедно посилни“ велат дека човештвото не е осудено вечно да живее со ХИВ.

„Денес знаеме дека на епидемијата на ХИВ може да и се стави крај до 2030 година, а знаеме и како. Неопходна е континуирана политичка волја и континуирани инвестиции кои се потпираат врз докази и анализа на состојбите. Изразуваме почит кон сите здравствени работници и соработници вклучени во одговорот кон КОВИД-19. Особена благодарност им искажуваме на вработените на Клиниката за инфективни болести за натчовечките напори што ги прават за да спасат животи, а во исто време да ја одржат и редовната грижа за пациентите со ХИВ“, исктануваат од Здружението.

Од таму велат дека во текот на целиот период на настанатата криза, Здружението ги нуди своите редовни услуги за поддршка во рамките на Програмата за ХИВ, во соработка со Министерството за здравство. Континуирано ги нудат и услугите за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи тестови.

„Се вклучивме во националниот одговор кон КОВИД-19 на неколку начини, а особено преку организирање на доставувањето на терапијата за ХИВ до пациентите надвор од Скопје, со што придонесуваме да се намали изложувањето на пациентите на непотребни ризици. Со тоа истовремено помагаме и да се намали притисокот врз Клиниката за инфективни болести во текот на актуелната криза. Нудиме проверени и релевантни информации за корисниците на нашите услуги во врска со мерките за заштита од КОВИД-19, како и помош во прехранбени и хигиенски производи за лица со ХИВ во неповолна социјална положба“, велат од „Заедно посилни“.

Share
Scroll to Top