Запленета дрога во вредност од околу 350.000 евра, пресечен меѓународен канал за шверц

пред 3 години

38-годишен државјанин од Албанија бил уапсен од страна на полицијата, со што како што велат од таму бил пресечен меѓународен канал за шверц на марихуана од Албанија во нашата земја.

Според МВР, синоќа во 20.00 часот на локален пат во селото Оровник, општина Дебрца, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал е лишен од слобода М.П.(38), државјанин на Р.Албанија, со што е пресечен меѓународен канал за шверц на марихуана од Р.Албанија во нашата држава.

Како што соопшти Сузана Прањиќ Талевска, портпарол во Министерството за внатрешни работи, при извршен преглед во патничко возило „цитроен берлинго“, со албански национални ознаки, кое М.П. го управувал, во задниот дел од возилото биле пронајдени и одземени пет торби со 100 пакувања марихуана, во вкупна количина од околу 100 килограми, со вредност од околу 350.000 евра.

Оваа заплена, како што појаснија од полиција е резултат на повеќемесечно следење на активностите на неколку албански државјани на територијата на државата кои биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици.

М.П. е приведен и задржан во Полициска станица Охрид за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до ОЈО Охрид според член 215 од Кривичниот законик за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Share
Scroll to Top