ЗНМ: Пратениците не смеат да ги омаловажуваат и етикетираат новинарите на „Телма“

пред 4 години

Во изминатите два дена дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ како и пратеникот од Левица во своите изјави ја етикетираа ТВ Телма како „режимска телевизија“, а навреди и омаловажувања посредно или непосредно беа упатени кон новинарите и уредниците на оваа национална телевизија, реагира Здружението на новинари.

Оттука велат дека јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.

„Правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието на РСМ се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Освен ова, ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет.

Овој вербален напад упатен кон нашите колеги од ТВ Телма дополнително претставува и повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците. ЗНМ ги потсетува пратениците дека имаат должност да го почитуваат Кодексот кој во член 6 вели: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.

Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, секогаш можат да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ. Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде ниту под притисок на политичарите, ниту под притисок на сопствениците на медиумите. Бараме новинарите да бидат настрана во пресметката на бизнис и политичките интереси, единствено водејќи се од начелата за професионално и етичко известување и од јавниот интерес“, наведе ЗНМ во реакцијата.

Share
Scroll to Top