Ивановска: Жените имаат капацитет да водат, го подобруваме образованието за што повеќе девојки да бидат добри лидерки

Ивановска: Жените имаат капацитет да водат, го подобруваме образованието за што повеќе девојки да бидат добри лидерки

пред 11 часа

Ветивме и работиме на правење услови, носење регулатива, обезбедување системско опкружување кое ќе им овозможи на жените поголема економска независност. Пред сѐ, работиме на подобрување на образованието и пристапот до образование. Образованието им овозможува на жените да развијат критичко размислување, способности за донесување одлуки и вештини за решавање проблеми, што е од суштинско значење за лидерските позиции, рече државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 2026, организирано од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Обединетите нации во земјава, под глобалната тема „Права. Правда. Акција за сите жени и девојки“.

Ивановска, на панел дискусијата за моќните жени лидерки и жените што носат одлуки, посочи дека образованите жени имаат поголема веројатност да постигнат економска независност преку работна ангажираност, водење претприемништво и придонесување кон општествен развој. Образованието, вели таа, влијае и на промена на општествените ставови и помага да се разбијат стереотипите што го ограничуваат учеството на жените во лидерските и економските активности.

„Кога зборуваме за лидерство, треба да зборуваме и за бариерите. Предрасуди, стереотипи, недоверба, тоа се пречки што многу жени ги одвратиле од патот на лидерство. Лично, се реализирав како сопруга и како мајка, паралелно со мојата образовна надградба, а подоцна и со политичкиот ангажман. Мит е дека жената треба да избере меѓу семејството и кариерата. Лидерството значи да најдеш сила да ги усогласиш улогите. Тоа е предизвик, но секоја од нас е доказ дека жените имаат капацитет да водат“, наведе Ивановска.

Укажа дека со секоја одлука која ја носи раководството на МОН од кое и самата е всушност дел, презема одговорност за младите и за нивното образование. Појасни дека реформите што во моментов се спроведуваат се насочени кон стекнување повеќе и поквалитетно знаење, но и кон градење личности кои критички размислуваат, со емпатија и со одговорност кон заедницата.

„Тоа е темелот на лидерството, да умееш знаењето да го употребиш за подобар живот на луѓето, да правиш промени што го издигнуваат општеството скалило повисоко“, рече Ивановска.

За новиот Закон за високо образование рече дека се носи за да обезбеди поквалитетни студии за младите, современи програми и еднакви можности за сите.

„Наша обврска е да овозможиме услови вие младите, девојките и младите жени да ги реализирате вашите потенцијали и потреби. Како држава ни е потребно уште повеќе жени да сe охрабрат и да го развијат својот потенцијал за лидерство“, нагласи државниот секретар.

Во дискусијата учествуваа и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, пратеничката Жаклина Пешевска и амбасадорката на Јапонија Сецуко Кавахара. Ивановска рече сите тие се доказ оти лидерството не е привилегија само на мажите, ниту на некои избрани, и дека ниедна жена не се родила со моќ да носи одлуки, туку се изградила како лидерка.

„Мојата порака до девојките и младите жени е дека лидерството се учи. Знаењето и вештините кои ви се потребни, се развиваат чекор по чекор. За да бидете лидерки, не треба да чекате некој да ви дозволи. Треба да преземете одговорност. И да запамтите – ако тргнете, ќе стигнете“, рече Ивановска.

Текстот Ивановска: Жените имаат капацитет да водат, го подобруваме образованието за што повеќе девојки да бидат добри лидерки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top