Меѓу голем број проекти од над 100 земји во светот, заедничката програма за воспоставување на Инструмент за зелено финансирање (GFF) од Северна Македонија е избрана како една од десетте најдобри програми според глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој (ЦОР). Изборот е врз основа на нејзиниот потенцијал за постигнување значајни одржливи резултати, мобилизација на значително ко-финансирање од повеќе извори и ниво на подготвеност за реализација, соопштија владините прес-служби.
Со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за ЦОР, оваа програма ќе создаде нов финансиски инструмент што ќе обезбеди пристап до поевтино финансирање за мали и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени социјални групи) за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност. Со овие инвестиции, ИЗФ директно ќе придонесе за намалување на стакленичките гасови, загадувањето на воздухот и за зајакнување на локалните еко-системи за зелени фондови за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Со обезбедените 7.9 милион долари од Заедничкиот фонд за ЦОР, се започнува воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46.5 милиони долари, вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери (кое е во фаза на финално одобрување). За да и помогнат на земјата во борбата против загадувањето на воздухот и климатските промени, покрај три организации на Обединетите нации (ОН) -(Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграции – ИОМ, и Економската комисија за Европа на ОН), Владата (претставена од Вицепремиерот за економски прашања, како и Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за економија), во програмата ќе се вклучи и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и повеќето приватни банки во земјата.
Зелената транзицијата преку зголемено производство на енергија од обновливи извори (особено соларна енергија) и воведување на енергетска ефикасност во згради и домови е една од клучните стратешки цели на Владата.
„Инструментот за зелено финансирање (GFF) е иднината на финансискиот и економскиот развој во насока на обезбедување на зелена транзиција од скромна кон модерна, ефикасна и конкурентна економија. Нашата Влада веќе има преземено чекори кон отворање нови алтернативи за економијата, каде и граѓаните и бизнисите ќе имаат можности да обезбедат „зелен“ и одржлив начин на живеење и водење бизнис”, вели Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Многу сме среќни што Обединетите нации и Заедничкиот фонд за ЦОР преку обезбедениот грант дополнително ќе ја зајакнат инфраструктурата што ја создадовме на пазарот за брз развој на такви атрактивни производи. Ова ќе биде прва соработка меѓу ЕБОР и системот на Обединетите нации и голема е честа за нас што Северна Македонија ќе биде пилот земја за оваа соработка. Убедени сме дека овој проект ќе биде успешен и дека ќе води до зголемена соработка со ОН и Заедничкиот фонд за ЦОР“, додаде тој.
Новиот Инструмент за зелено финансирање се очекува да се воспостави во текот на летото, а ќе биде целосно оперативен до крајот на годината.
Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој е повеќе партнерски заеднички фонд основан од Генералното собрание на Обединетите нации. Фондот поддржува земји членки на ОН преку намалување на ризиците за инвестиции што водат кон решенија за финансирање на активности што ќе водат до забрзување на прогресот кон Целите за одржлив развој. Цел на овој фонд е да распредели една милијарда долари во грантови на годишно ниво кон Агендата 2030. Сите програми што ќе бидат финансирани делат еден клучен елемент – нивната можност да привлечат финансирање од други партнери кон мулти-милионските грантови од Заедничкиот фонд, насочени кон одржливиот развој.