Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 4.846 субјекти, исплати 230,1 милион денари за субвенции. Директорот на Агенцијата, Никица Бачовски, информира дека овие исплати се за неколку мерки.
„ По три денари од килограм, добиваат градинарите кои оствареното производство од пријавените површини го предале во преработувачки капацитети. Денеска, за оваа мерка на сметките на 3.310 градинари, исплативме 168,9 милиони денари . Вчера беше исплатена и финансиска поддршка за градинарите кои минатата година имаа произведена зелка во период од 5- ти април до 5 – ти мај 2020 година. Тие добиваат по 3 денари по килограм, односно, вкупно 708 лица добија финансиска поддршка од 30,4 милиони денари, кои имаа произведено пролетна зелка од почеток на април до почеток на мај лани и истаата ја имаа предадено кај регистрирани откупувачи. А средства на сметките добија и сите земјоделци кои оствареното производство на овошни култури го предале во производни капацитети. За оваа мерка исплатени се 16,7 милиони денари на 172 овоштари, односно три денари по килограм произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети. Веќе утре на сметките на 656 мали земјоделски стопанства ќе бидат исплатени над 14 милиони денари“, истакна Бачовски.
Според надлежните, исплатата на преостанатите мерки ќе продолжи.
„Сите кои правно законски се стекнале со право за добивање на финансиска поддршка во земјоделството и не се должници за вода, пашарина или закуп на земјоделско земјиште ќе си ги добијат средствата за мерките за кои имаат аплицирано.Земјоделците се наш партнер, нивно е да произведуваат квалитетни култури а Владата и Агенцијата ќе продолжат да креираат мерки и политики кои ќе овозможат поволни услови за развој на агро – секторот“, потенцираат од Агенцијата.