Бизнисменот Орце Камчев одби да биде сведок во случајот „Меѓународен сојуз“, бидејќи бил нарушен неговиот кредибилитет. На ваквото барање се спротистави обвинителката Ивана Трајчева и побара да биде сослушан, а судијката Софче Гавриловс-Ефремова прифати.
„Барам да бидам изземен од својството на сведок затоа што во околности каде во државава се крши законот грубо од страна на Обвинителството и судот, мојот кредибилитет е нарушен и нема да бидам во корист на Обвинителството”, рече Камчев.
Сепак, за Трајчева притворот на Камчев нема поврзаност со овој случај.
„Денес повиканиот сведок е повикан во врска со предметното обвинение. Повикан е на околности колку е запознаен и дали е запознаен во врска со проектите на Меѓународниот сојуз. Притворот за друг предмет нема никаква врска со исказот и кредибилитетот. Таа постапка е различна од оваа денеска. Доколку смета дека таму му се прекршени права, треба тоа да го каже таму”, рече Ивана Трајчева.
Судијката ѝ кажа на обвинителката да го испраша сведокот.