Ковачевски: Владата продолжува со силна поддршка за лицата со аутизам и нетипичен развој

пред 3 години

Премиерот Димитар Ковачевски во чест на Меѓународниот ден на свесноста за аутизмот, 2 април, денеска во Владата се сретна со децата со аутизам и нетипичен развој од здружението „Во мојот свет” и со нивните родители.

Со овој гест премиерот порача дека Владата и институциите и натаму ќе бидат силен поддржувач и сојузник на овие семејства во борбата за градење на едно инклузивно општество, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

„Во неформална атмосфера децата и нивните родители беа повикани на куса прошетка во Владата, при што ги посетија Кабинетот на претседателот на Владата, билатералната сала, салата за седници, медија центарот, по што имаа куса средба со премиерот Ковачевски во свечената сала“, се наведва во владиното соопштение.

Ковачевски притоа упатил апел за солидарност со лицата со аутизам потсетувајќи дека ние како општество сме обединети во различностите и дека обврска на Владата е да продолжи да работи на унапредување на решенијата кои ќе го подобрат квалитетот на живот на лицата со аутизам и на нивните најблиски.

„Владата, преку Министерството за здравство, во соработка со Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам „Во мојот свет” овозможи користење на неискористениот простор во повеќе здравствени домови во Скопје, во Охрид и во Тетово за отворање на центри за давање на широк спектар на услуги кои можат да им помогнат на децата кои имаат развојни потешкотии. Во овие центри е овозможено давање на потребната поддршка од различни видови професионалци на околу 200 деца, со цел да им се помогне да го достигнат максималното можно развојно ниво со што им се зголемуваат шансите за успех во подоцнежните години“, подвлекол премиерот.

На средбата на која присуствувала и потпретседателката на здружението „Во мојот свет“, Весна Стојановска, било заклучено дека заедничка мисија и интерес и на семејствата, граѓанскиот сектор и на Владата е да се подобри квалитетот на живот на овие луѓе и семејства преку посветена работа и унапредување на системските решенија.

Share
Scroll to Top