Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, кој е во работна посета на земјата заради учество на неформалниот состанок на лидери од НАТО од регионот.
На средбата присуствуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Ковачевски на својот црногорски колега Спајиќ му го честита изборот за претседател на Владата на Црна Гора, посакувајќи му успех и споделувајќи надеж за одлична соработка во корист на двете држави и народи. Изрази задоволство што првата посета на премиерот Спајиќ по стапувањето на функцијата е токму на нашата држава, што зборува за блискоста на нашите земји.
Двајцата премиери разменија мислења за севкупните билатерални односи и оценија дека истите се традиционално партнерски и пријателски и без отворени прашања. Тоа дава основа за зголемен фокус во претстојниот период на развивање на економската соработка и инфраструктурното поврзување.
Како сојузници во НАТО, Северна Македонија и Црна Гора споделуваат и идентична надворешно-политичка цел, членството во Европската унија и на тој пат се подготвени да работат заедно во остварување на критериумите и стандардите за членство.
Текстот Ковачевски-Спајиќ: Северна Македонија и Црна Гора засилено се подготвуваат и на дело ја покажуваат подготвеноста за членство во ЕУ е превземен од МАКФАКС.