Премиерот, Димитар Ковачевски денеска го прими заменик-министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија на Грција, Костас Фрагојанис, кој е во дводневна работна посета на нашата земја.
На средбата беше изразено взаемното задоволство за односите меѓу двете земји кои континуирано се развиваат и издигнуваат на ниво на стратешко партнерство, како придобивка од Преспанскиот договор.
Премиерот Ковачевски истакна дека двете земји сега се фокусирани на унапредување на економската соработка во која посебно место заземаат заедничките проекти во енергетиката како што сe изградбата на интерконекторот за гасно поврзување и инвестицијата на Република Северна Македонија во терминалот за течен гас во Александрополи, од коишто се очекува трајно обезбедување на енергенси за граѓаните и бизнисот.
Заменик-министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија, Фрагојанис потенцираше дека неговата земја, како и досега, останува на силната поддршка за Северна Македонија на нејзиниот пат до членство во ЕУ како посебен интерес за Грција.