Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на посета на Тирана оствари средба со заменик претседател на Владата, Арбен Ахметај, албанската министерка за надворешни работи Олта Џачка и Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ. На средбите со високите државни претставници, уште еднаш беше потврден ставот дека двете држави не се откажуваат од ЕУ и покрај предолгото чекање, како и важноста Европската Унија да го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија и Албанија.
„Двете пријателски земји имаме заеднички пат кон членство во европското семејство, пат на кој покажавме зрелост и за регионално интегрирање и соработка која се потврдува низ активностите преземени со иницијативата „Отворен Балкан“. Време е да се валоризира она што досега го постигнавме во делот на реформите, и на Северна Македонија и Албанија да им се даде датум за отпочнување на преговорите со Унијата“, потенцираше вицепремиерот Маричиќ на средбите со неговиот колега Ахметај и министерката за надворешни работи, Џачка.
На средбата со Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ соговорниците се согласија дека фокусот во претстојниот период на двете држави ќе биде ставен да се обезбеди целосна подготвеност на државната администрација за процесот на пристапни преговори, која ќе може да одговори на новата Методологија. Беше отворено и прашањето за ревитализација на Договорот за соработка за евроинтеграција од 2012 година, како и можноста за организирање на првиот состанок на Мешовитиот комитет, предвиден со Договорот за соработка.
Маричиќ се сретна и со новиот германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој ја пренесе пораката дека нашиот партнер, Сојузна Република Германија, продолжува да ги поддржува земјите од Западен Балкан во напорите да станат членки на Европската Унија, што е особено важно за регионот во време кога се соочува со предизвици.