СДСМ тврди дека е лага изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој преку статс на социјалните мрежи објави дека над 60.000 граѓани ги загубиле своите работни места, а половина милион живеат со по 2 евра на ден.
„Над 60 илјади граѓани ги загубија своите работни места; Половина милион граѓани живеат со по 2 евра на ден; 3364 наши сограѓани ги загубија животите поради корона; Имаме жестока здравствена криза и полициски час. Секој ден е нова борба со животот. Што направија луѓето од власта? Заминаа на одмор во Мексико и Дубаи. Трошат по еден стан за еден одмор. Од таквата одлепеност од реалноста на човека му доаѓа мачнина и гадење. Дезертери и криминалци ја водат земјата“, пишува Мицкоски.
Социјалдемократите реагираат дека Мицкоски прво велел дека 140.000 граѓани останале без работа, а денеска зборува за 60.000 луѓе.
„Официјални податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека на само што нема 60.000 нови лица без работа, туку и дека бројот на вработени во последниот квартал од 2020 година е зголемен во однос на третиот квартал од истата година. Стапката на невработеност пак во последниот квартал од 2020 година изнесува 16.1 отсто и е помала во споредба со последниот квартал од 2019 година кога изнесувала 16.5 отсто. Мицкоски не може да престане да лаже и не може да престане со обидите да му наштети на здравствениот систем. Граѓаните тоа го препознаваат и затоа шест пати го казнуваат на избори и затоа тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе бидат опозиција“, наведе СДСМ во реакцијата.