Мицкоски со порака до граѓаните кои заминале во странство: Каде и да одите, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци

Мицкоски со порака до граѓаните кои заминале во странство: Каде и да одите, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци

пред 2 часа

Вашето враќање е порака дека Македонија не е заборавена, корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на Форумот на повратници во државата, настан посветен на македонските граѓани кои одлучиле да се вратат во Македонија.

„Вашето враќање не е симболично. Тоа е суштинско. Тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, без разлика на годините и далечината. Сакам јасно и искрено да кажам ние не можеме да се лутиме на оние кои заминале. Ги разбираме. Ја разбираме нивната мака, нивната борба, нивните тешки одлуки. Знаеме дека многумина заминаа, затоа што немаа избор. Затоа што сакаа подобро образование за своите деца, посигурна работа, достоинствена плата, стабилен живот. И тоа е нормална човечка потреба. Тоа е борба за иднина“, рече Мицкоски.

Тој порача дека сите граѓани кои заминале во странство, колку и да се успешни секогаш ќе бидат дојденци.

„Каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци. Почитувани пријатели, ценети, можеби и добро платени – но дојденци. Само дома си свој. Само дома твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабок корен и трајна вредност. Вие што денес сте тука сте жив доказ за тоа. Вие покажавте дека знаењето и искуството стекнато надвор не се губат кога ќе се вратите, туку добиваат смисла. Стануваат темел за нови бизниси, нови работни места, нови идеи и нова енергија во нашата економија“, рече Мицкоски.

Како Влада, додаде тој, нашата обврска е да создадеме услови, да обезбедиме стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој. Но, рече Мицкоски, ниту една стратегија, ниту еден план не може да успее без луѓето.

„Затоа гласно велиме дека ни требаат сите. Ни треба секој Македонец кој сака да придонесе. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример, денес испраќаме порака до сите наши луѓе родум од Македонија, ширум светот: Ве разбираме. Ве почитуваме. И вратите се отворени. Не ветуваме лесен пат. Но нудиме смисла. Нудиме можност да се биде дел од нешто поголемо. Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку и придонес за заедницата и идните генерации“, рече премиерот.

Текстот Мицкоски со порака до граѓаните кои заминале во странство: Каде и да одите, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top