Муцунски: Благодарение на СДС и ДУИ преговорите со ЕУ не може да бидат блокирани затоа што никогаш и не почнаа

Муцунски: Благодарение на СДС и ДУИ преговорите со ЕУ не може да бидат блокирани затоа што никогаш и не почнаа

пред 1 ден

Денес Венко Филипче повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа, напиша министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на „Фејсбук“.

„Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.

Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика.

И токму затоа ја повикувам опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома. Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси“, напиша Муцунски.

Текстот Муцунски: Благодарение на СДС и ДУИ преговорите со ЕУ не може да бидат блокирани затоа што никогаш и не почнаа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top