Нуредини: Неопходна е поддршката на развиените земји за праведна транзиција на земјите во развој

пред 3 години

Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска се обрати на првата сесија од Неформалниот состанок на министрите за животна средина на ЕУ во Љубљана, посветена на меѓународните климатски преговори и патот до COP26, при што ја презентираше зголемената национално определена амбиција за редукција на емисиите на стакленичките гасови за 51% до 2030 во споредба со 1991, односно нето редукција од 82%.

Притоа, Нуредини ја истакна потребата за поддршка од страна на развиените земји за постигнување на одржлив развој на помалите економии и ранливите држави како нашата, особено од аспект на постигнување на праведна енергетска транзиција, јакнење на човековите капацитети и градење на инфраструктура.

На денешната сесија на ЕУ министрите за животна средина, на која беа поканети и земјите кандидати за членство, се разговараше за одржувањето на лидерската позиција на ЕУ во климатската акција и се преговараше за преземање на соодветните чекори за овозможување на успешна конференција на земјите членки на Рамковната Конвенција за климатски промени во Глазгов, како и конечна операционализација на Договорот од Париз.

Share
Scroll to Top