Османи-Стоев: Имаме надеж дека историската комисија во наредниот период ќе постигне конкретни резултати

пред 3 години

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој престојува во дводневна работна посета на Брисел, на маргините на состаноците на ЕУ и ПСЈИЕ во Брисел, се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев.

Убава прилика на маргините на состаноците на ЕУ и ПСЈИЕ во Брисел да се сретнам со мојот бугарски колега, Светлан Стоев, напиша на својот Фејсбук профил Османи.

Ја потврдивме важноста и посветеноста кон напредокот во процесот на европската интеграција, регионалната соработка и добрососедството во регионот на Западниот Балкан, а разменивме видувања и за последните политички случувања, по завршувањето на изборните циклуси и во двете земји, информира Османи.

Вели дека заедно со неговиот колега од Бугарија ја повториле нивната решеност за продолжување на конструктивниот пристап и добрата волја во билатералните односи.

„Истовремено, ја поздравивме подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата во наредниот период ќе изнајде начини за постигнување на конкретни резултати, кои се во интерес на двете страни. До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, нашите очекувања се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската Унија“, додава министерот за надворешни работи.

Според него, само отворениот дијалог и непосредната соработка претставуваат најсигурен показател за одговорноста и посветеноста кон мирот и стабилноста, перспективите на Регионот, како и успешното справување со сите видови предизвици со кои заедно се соочуваме.

Share
Scroll to Top