Денеска во Домот на Армијата беше одбележан Денот на воената служба за безбедност и разузнавање кој се совпаѓа и со јубилејот – 30 години постоење на оваа воена служба.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
На свеченоста, министерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека членството во НАТО преставува ново поглавје во историјата на оваа служба, која има проширен обем на работа и поголема одговорност.
„Членството во Алијансата е придобивка за безбедноста и стабилноста на државата, а од друга страна токму тоа ја наметнува потребата за развој на воените капацитети и способности кои ќе дадат придонес во колективната безбедност. Бројот на луѓе за чија безбедност сме одговорни се зголеми од 2 на околу 900 милиони“, рече министерката.
Петровска истакна дека одбраната со своите капацитети мора одлучно да се спротивстави на новата безбедносна реалност и тоа со брзи и ефикасни активности за заштита, превенција и одговор на овие закани.
„Прв чекор кон изградба на безбедно општество е воспоставување на еден сеопфатен пристап во справувањето со хибридните закани. Наша обврска како земја – членка на Алијансата е да инвестираме во изградба на национална отпорност на овие закани и да изградиме синхронизиран систем за нивен одговор“, рече Петровска. Додаде дека институциите мора да бидат координирани и да соработуваат и во справувањето со тероризмот, кој претставува глобална закана.
Полковникот Ивица Ампов, раководителот на воената служба се осврна на значењето на военото разузнавање во одбранбениот систем и се заблагодари на вработените во службата за својата професионалност и посветеност.
На одбележувањето на Денот на военото разузнавање присуствуваше и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, а на свеченоста беа наградени и пофалени вработени во службата за воено разузнавање. Благодарници за соработка им беа доделени на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Бирото за јавна безбедност.